Почетоци
Општинското основно училиште Гоце Делчев од Неготино започна со работа во 1972 г. во месец ноември и во него образование стекнуваат над 1000 ученика од градот и приградските места. На почетокот во училиштето беа вработени 52 наставника а денес во него работат вкупно 64 наставника од кои 35 во предметна а 29 во одделенска настава.
Подрачни училишта
Неговите подрачни училишта се наоѓаат во селата Тимјаник, Тремник, Курија и осмолетката во с. Д. Дисан кое на училиштето се приклучи во 2004 г.
Поради зголемување на бројот на учениците, во учебната 1987/88 г. селото во с. Војшанци, кое дотогаш беше подрачно училиште на ова училиште му беше отстапено на ООУ „Страшо Пинџур“ - Неготино.
Услови и соработка со заедницата
Денес училиштето располага со вкупно 3.580 м2 работна површина која ја сочинуваат 17 училници, 6 кабинети, 2 занимални, 1 фискултурна сала, 5 канцеларии и 3 простории за друга намена а учениците кои тука се школуваат се распоредени во 55 паралелки. Досега тука се спровеле многу републички, регионални или училишни натпревари речиси по сите наставни предмети а воедно тоа учествува редовно во севкупниот јавен живот во општината, вклучувајќи се во разни културно-уметнички приредби, локални акции и др. Училиштето од 2007 г. е во надлежност на ЛС на Општина Неготино.
Поранешни директори
Илија Ташев
Директор во два мандата, 1996 - 1999 и 2003-2006.
Во првиот мандат се изгради училиштето во с. Тремник се уреди училишниот двор со цементирање на пешачки патеки и стази и во наставата се воведе проектот Чекор по чекор.
Во неговиот втор мандат, освен тековните настани се спроведоа повеќе значајни проекти: санација на санитарни јазли, санација на под во спортска сала, се опреми компјутерска лабораторија и медијатека и се изгради отвореното спортско игралиште. Се оформи проектен тим, се изготви развоен план и кодекс на училиштето и започна со работа Проектот за рано изучување на францускиот јазик. Во неговиот мандат завршија градежните работи во подрачното училиште во с. Тимјаник и започна проектот за санација на столаријата и стакларијата во централната училишна зграда.
Душан Водасов
Директор во периодот 1999-2003. Во неговиот мандат училиштето се збратими со ОУ „Јован Јовановиќ Змај„ од Крушевац, Република Србија.
Јован Караев
Директор во два поврзани мандата од 1987-1996 г. Во текот на неговиот директорски мандат беа спроведени значајни инфраструктурни зафати во училиштето. Имено, беше санирано подрачното училиште во с. Тремник се изгради и се пушти во употреба училишната кујна и се санира парното греење.
Цвета Николова
Директоруваше со училиштето во кус директорски мандат од 1984 до 1987 г.
Никола Сечков
Директор од 1976-1984 г. Во текот на неговиот директорски мандат беа спроведени значајни инфраструктурни зафати во училиштето. Поради зголемување на капацитетот беше доградена централната зграда /6 нови училници/. Се уреди дворното место и истото беше оградено со ограда
Бранко Бекчев
Тој е првиот назначен директор на училиштето и неговиот мандат беше од 1972 до 1976 г. Со оглед дека училиштето било ново, во неговиот мандат не се забележани некои позначајни инфраструктурни проекти. Како ангажиран граѓанин се заложил за изградба на училиштата во Криволак и Пепелиште.